10-12 месеци - воспоставување навики и конзистентност
Комуницирање
Што има ново?
Ова е период кога најверојатно ќе се појави првиот вистински збор на вашето бебе. Иако тоа се уште главно ќе брбори, до крајот на првата година вашето бебе веројатно ќе користи и разбира барем еден збор (како што е „ма-ма“ или „да-да“). Тоа ќе се обиде интензивно да комуницира со вас на секој можен начин - не само со употреба на зборови, туку и со покажување, движење, климање со главата, мавтање... Ако вашето бебе се уште не користи зборови, не грижете се. Тоа ќе најде друг начин да го привлече вашето внимание и да ви каже што сака. Тоа ќе ве разбира се повеќе и повеќе.
Што можете да направите за да помогнете?
Разговарајте со вашето бебе за време на секојдневните ритуали - облекување, хранење, шетање, пазарење... Само зборувајте за тоа што правите или што гледате околу себе - тоа не е лекција, само разговор! Ако се обидува да зборува, дајте им значење на звуците со додавање малку (на пример, кога вели „да-да“ или „ма-ма“, можете да одговорите „Да, дојде тато“ или „Да, дојде мама“ ). Со тоа, вие го збогатувате неговиот речник и ги градите неговите вештини за комуникација.
Во овој период, може да забележите дека разбира кратки упатства како што се „дај му на брат ти“, „мавтај за збогум“ или „не го допирај тоа“. Препознајте го неговото ново разбирање со тоа што ќе му се насмеете или ќе го пофалите.
Чувства
Што има ново?
Како кога беше помало, вашето бебе веројатно се уште ќе покажува необична вознемиреност. Тоа се уште може да се плаши и да почне да плаче кога ќе излезете од собата. Како што напредува неговиот емоционален развој, тоа ќе станува се повеќе свесно за неговите потреби. И како што станува подобро во комуникацијата, ќе може да ви ги каже неговите желби и чувства.
Што можете да направите за да помогнете?
Продолжете да го охрабрувате вашето бебе ако избегнува нови луѓе. Овозможете му ги секојдневните искуства во кои можете накратко да заминете - дури и да земте играчка од друга соба - и да се вратите. Игрите како криенка или „Ѕе“ се добри во справувањето со овие чувства. Без оглед на неговите чувства, слушајте и обидете се да ги протолкувате неговите желби и да ги изразите со зборови (за пример, „ооо, моето бебе е многу уморно“ или „бебето ја сака таа лажица, може да ти ја дадам?“).
Мислење
Што има ново?
Запомнете дека вашето бебе во овој период е цело време во процес на учење. Бебињата од оваа возраст сакаат да наоѓаат скриени предмети под ќебе или чаша. Сакаат да откриваат и како функционираат предметите - често со фаќање, тресење, удирање, фрлање или удирање на нешто на земја (осигурете се дека предметите се безбедни!). Ќе ужива да си игра со возрасните што се грижат за него. На крајот на првата година, тоа исто така може да иницира и претстава - покажувајќи ви ги играчките со кои си игра.
Што можете да направите за да помогнете?
Исто како кога беше помало, вашето бебе се уште учи најдобро преку игра. Во делот Играње заедно, ќе најдете многу активности што вашето бебе ќе ги сака на оваа возраст. Секое дете е уникатно, затоа следете ја неговата иницијатива и поддржете го неговиот избор на играчки и интереси. Едноставните секојдневни предмети и активности ќе ги збогатат неговите знаења и способности за размислување. Читајте книги, раскажувајте приказни, свирете музика или пејте песни и рецитирајте песнички. Нека ги врти страниците во сликовници. Капењето или облекувањето се одлично време за да му помогнат да покаже делови од телото.
Движење
Што има ново?
Овие месеци носат возбудливи случувања. Најверојатно, вашето бебе ќе започне со стоење држејќи се за нешто. Потоа, тоа може да се обиде да застане независно и да ги направи своите први чекори. Секое дете е различно, но до крајот на овој период некои бебиња дури можат да одат самостојно. Сепак, одењето е голем предизвик за бебињата, и некои кои рано ќе проодат сепак ќе се вратат на ползење како полесен начин да го истражат својот свет. Во исто време, тоа станува се поумешно во користењето на рацете и прстите за да ја истражи својата околина.
Што можете да направите за да помогнете?
Нема потреба да го учите детето да оди! Но, најдете забавни, секојдневни начини да го охрабрите да се движи, така што ќе изгради мускулна сила за посложени движења. Сега кога почнува да се движи, проверете дали вашиот дом е безбеден и сигурен за малиот авантурист. Се подобрува и координацијата и употребата на рацете. Можете да помогнете со тоа што ќе ја охрабрите да истражи различни текстури на предмети со допирање, да удира еден предмет од друг, или да ги става во кутии и да ги вади од нив, или да собере трошки од храна од масата. Дајте му боички да чкрта на хартија.
За да прочитате повеќе за како да го поддржите развојот на детето преку игра, одете во делот Играње заедно.
Загриженост на родителите за развојот во периодот од 10 до 12 -ти месец
Бидејќи секое дете се развива на свој посебен начин, невозможно е точно да се предвиди кога или како вашето дете ќе усоврши одредена вештина. Способностите (развојни пресвртници) очекувани и наведени за овој период ви даваат само општа идеја за промените што би можеле да ги очекувате како што вашето дете ќе порасне. Ве молиме, не грижете се ако нејзиниот развој тргне по малку поинаков пат.
Меѓутоа, за да бидете сигурни, разговарајте со вашиот педијатар ако вашето дете покажува некој од следниве знаци на можно задоцнување во развојот, ако се чини дека вашето дете изгубило некои од вештините што ги имала во порана возраст, или ако имате други причини за загриженост:
- Не остварува контакт со очите со вас или не следи предмети што се движат со нејзините очи
- Не го интересираат звуците
- Не реагира на неговот име кога ќе го повикате
- Не брбори
- Не се обидува да ви каже на кој било начин кои се неговите желби или потреби
- Не покажува на предмети
- Не покажува емоции
- Не ползи
Референца:
https://raisingchildren.net.au/babies/development/development-tracker-3-12-months/10-11-months
https://raisingchildren.net.au/babies/development/development-tracker-3-12-months/11-12-months
Лора Е. Берк (2006), Детски развој (7 -то издание), Алин и Бекон
Dr sci Nirvana Pištoljević (2016), Rani razvoj deteta: treta treba znati, Udruženje pedijatara Srbije, Beograd.