Бронхитис

Бронхитис е воспаление на обвивката на бронхијалните цевки на дишните патишта што одат до белите дробови, најчесто причинето од вирусна инфекција или поретко бактериска инфекција. Ако вашето дете има бронхитис, дишењето е потешко и се создава повеќе слуз од нормалното. Третманот на бронхитис зависи од причината за инфекцијата. 
Body

Причини за бронхитис

Бронхитис е воспаление на обвивката на бронхијалните цевки на дишните патишта што одат до белите дробови, најчесто причинето од вирусна инфекција или поретко бактериска инфекција. 

Симптоми на бронхитис

Кашлањето е главниот симптом на бронхитис. Кашлицата може да биде сува или влажна.

При бронхитис, горните дишни патишта се исто така погодени, па може да е проследено и со течење на носот, болки во грлото, како и кашлица. Можна е појава на блага треска. Дополнително, може да се јави и отежнато дишење со губење на здив. 

Отежнато дишење и скратен здив, можат да бидат причинети и од астма или бронхиолитис. Тешкото кашлање и отежнато дишење кај децата е поверојатно предизвикано од астма отколку од бронхитис. Ако вашето дете има висока температура и отежнато дишење, тогаш може да станува збор и за пневмонија.

Лекарот најдобро ќе открие што ги предизвикува симптомите кај вашето дете.

Бронхитисот е почест кај возрасните, но може да се појави и кај деца.

Ако кашлицата започне ненадејно и се сомневате дека вашето дете се гуши од нешто, треба веднаш да реагирате со прва помош и дополнително да побарате медицинска помош. 

Кога да се обратите кај вашиот лекар за симптомите на бронхитис

Треба да посетите лекар доколку вашето дете:

  • имало напади на астма во минатото
  • има висока температура
  • има кашлица што не се смирува по 5-7 дена
  • има отежнато дишење или недостаток на здив
  • има крв во искашлокот
  • има проблеми со дишењето или дишењето е тешко.

Дополнителни испитувања за бронхитис

Лекарот може да открие дали детето има бронхитис со поставување на прашања за симптомите како и со дополнителни испитувања. 

Лекарот, исто така, може да го упати вашето дете за рентген на белите дробови ако кашлицата не поминува.

Третман на бронхитис

Бронхитисот обично трае 1-2 недели до комплетно закрепнување и генерално не предизвикува никакви компликации.

Ако кашлањето и отежнатото дишење не исчезнат, лекарот може да советува краткотрајна употреба на лекови против астма. 

Доколку лекарот се сомнева дека некоја бактериска инфекција предизвикала бронхитис или ако кашлицата не исчезнува, може да се препишат антибиотици. Сепак, антибиотици ретко се препишуваат, бидејќи бронхитисот најчесто е предизвикан од вирус. Антибиотиците не дејствуваат кај вирусите.

Лековите за кашлица обично не помагаат при кашлање од бронхитис. Медот може да ја намали сериозноста и времетраењето на кашлицата, но не треба да давате мед на деца на возраст под 12 месеци поради ризикот од ботулизам кај новороденчиња. Тоа е редок, но сериозен тип на труење со храна.