Предности на мајчиното млеко и доењето
Подготовки за доење
Долго пред чинот на породување, вашето тело започна да се подготвува за доење. Вашите гради ја сменија формата, станаа поцврсти и поголеми, кожата на градите стана почувствителна на допир. Брадавиците и ареолите станаа потемни; покрај тоа, промените во градите се често првиот знак на бременост. Колострумот започнува да се произведува помеѓу 16-та и 22-та недела од бременоста. Веднаш по породувањето, првиот оброк за вашето бебе е подготвен во вашите гради, иако повеќето мајки не се ни свесни дека веќе имаат млеко.
При носење на одлука за доење добро е да се знае дека
- Вашето млеко е секогаш достапно, хигиенски безбедно, на соодветна температура, бесплатно.
- Во првите шест месеци од животот, тоа е единствената храна и течност што му се потребни на детето.
- Вашето млеко е специјално прилагодено на потребите и промените на вашето бебе и истите ги задоволува ден по ден, месец по месец, подој по подој.
- Преку вкусот на мајчиното млеко, детето се запознава со вкусот на храната што ја јаде семејството.
- Парите што ќе треба да ги издвојувате секој месец за млечна храна се приличен товар за семејниот буџет и истите може да ги користите на многу подобар и покорисен начин.
Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ препорачуваат ексклузивно доење до возраст од 6 месеци и продолжување на доењето до возраст од две години, со воведување на соодветна и безбедна храна од 6-тиот месец. Во 2006 година, СЗО презентираше нови стандарди за раст на децата од раѓање до 5-годишна возраст. Во развојот на овие стандарди, како биолошка норма е поставено дете кое е доено, со кое ќе се споредуваат сите други деца. Здружението на педијатрите на Македонија ги препорача овие стандарди за раст за следење на растот и нутритивниот статус на децата од раѓање до 5-годишна возраст.
За детето, придобивките од доењето започнуваат на рана возраст и траат цел живот. Мајчиното млеко го подготвува организмот за долгорочна здравствена заштита и прилагодување кон околината. Додека бебето цица, ризикот од развој на разни болести се намалува:
- Цревни инфекции - во развиените земји доењето ги намалува трошоците за третман на цревни инфекции, а во неразвиените им го спасува животот на децата
- Тешки респираторни инфекции - докажано намалена стапка на хоспитализација поради инфекции на долниот респираторен тракт
- Otitis media (воспаление на средно уво)
- Синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња
Подоцна во детството, ризикот од:
- Алергија / астма, атопичен дерматитис
- Детска леукемија
- Целијачна болест и воспалително заболување на цревата кај деца
- Доењето помага за правилно избивање на забите, развој на вилицата и гласниот апарат
- Во развиените земји во светот хроничните незаразни болести се водечка причина за смрт, како и за појава на заболување, неспособност за работа и огромни трошоци.
- Доените бебиња ќе имаат понизок холестерол и помал ризик од кардиоваскуларни болести, дебелина и дијабетес подоцна во животот.
- Доењето и мајчиното млеко се покажаа ефикасни во ублажувањето на процедуралната болка - болка предизвикана од дијагностички и други процедури, како што се земање примероци од капиларна крв, вакцинирање итн.
Позитивно влијание врз когнитивните функции
- Доењето ги подобрува повисоките мозочни функции, како што се размислување и меморија;
- Бебињата кои се дојат, имаат подобри резултати на тестовите за интелигенција.
- Овие ефекти се особено важни за децата со зголемен ризик, како што се предвремено родените деца и оние со мала родилна тежина.
- Подобрувањето на когнитивните функции е директно поврзано со должината на доењето.
Предности на доењето за мајката
- Доењето доведува до намалување на ризикот од карцином на дојка и јајници пред менопауза, како и за дијабет тип 2 како последица од гестацискиот.
- Минерализацијата на коските е подобра и ризикот од фрактури на колк е намален на подоцнежна возраст.
- Поголемата потрошувачка на калории и маснотии придонесува за полесно враќање кон телесната тежина пред бременоста.
Контрацептивен ефект: Доењето го одложува повторното воспоставување на менструалниот циклус, овулацијата и со тоа и можноста за зачнување. Овој ефект е, сепак, ограничен и зависи од голем број фактори. Не потпирајте се на тоа дека сте заштитени од несакана бременост додека доите; овулацијата може да се појави и без менструација. Прашајте го вашиот гинеколог кој метод на контрацепција е најдобар за време на доењето. Интервалот помеѓу две бремености треба да биде најмалку две години, особено ако породувањето се случило со царски рез.
Колку подолго доите, толку подобро! За детето: најдобро е кога започнува од првиот ден и кога детето е исклучиво доено; позитивните ефекти се манифестираат по три месеци ексклузивно доење и се зголемуваат со подолго доење. За мајката: ефектите од доењето на секое дете се собираат!
ДОЕЊЕТО е многу повеќе од само јадење. За време на доењето, се воспоставува силна врска помеѓу мајката и бебето и потребата на бебето за љубов, топлина и безбедност се исполнува на посебен начин. ДОЕЊЕТО Е И ХРАНА ЗА ДУШАТА!