Подготовка и споделување на храна: активност за деца од 3-6 години

Учењето да се споделува е важна вештина за игра и пријателство. Подготовка и споделување на храна е забавен начин за вашето дете да научи да споделува. Јадења кои можат да се подготват заедно со дете вклучуваат овошна салата, пица, мафини и коцки мраз со овошје.
Body

Подготовка и споделување на храна: зошто е добро за децата

Подготовката на оброк, закуска или пијалаци за семејството или пријателите е забавен начин за вашето дете да научи да споделува.

Споделувањето на храната му помага на вашето дете да научи што е компромис, да чека на ред и преговара. На пример, преку споделување на храна, вашето дете дознава дека ако им даде малку на другите, тој може да добие дел од она што го сака.

Учењето да се споделува е важно за стекнување и задржување пријатели и играње со другите деца. Но, споделувањето може да биде предизвик, особено во почетокот. На детето ќе треба многу пракса и охрабрување.

Што ви треба за подготовка и споделување на храна со деца

Изберете едноставен оброк или закуска кои ќе ги направите со вашето дете. Детето исто така може да подготви бокал со вода или сок и да послужи во чаши за дополнителна практика за споделување.

Еве неколку јадења за подготовка и споделување:

  • Овошна салата: изберете меко овошје како банани, јагоди и лубеница. Ова овошје е лесно за сечење со безбеден нож. Помогнете му на детето да го излупи овошјето.
  • Коцки мраз со јагода: овој рецепт е одличен за топло време. И можете да го промените со користење на омилените плодови на вашето дете.
  • Морков и овесни мини мафини: ова е добар избор за ужинка за во училиште. Мешањето и мерењето на состојките е забавно и му помага на детето да се запознае со вештините за математика.
  • Лесна пица: вашето дете ќе ужива помагајќи ви да ставите додатоци на пица и да ја сервирате за ручек или вечера. Можете да зборувате за тоа кој има потреба од поголеми или помали парчиња.
  • Залачиња: вашето дете може да ви помогне да намачкате додатоци на тост леб исечен на ленти или организира свеж или варен зеленчук на чинија за сервирање.

Кујните можат да бидат опасни места за деца. Секогаш надгледувајте го вашето дете околу топли површини и течности, електрични апарати и остри предмети.

Како да подготвувате и споделувате храна со деца

  • Вклучете го вашето дете во изборот на храна која ќе ја подготвите за пријателите или семејството. Кога избирате, размислете за способностите на вашето дете, како и колку време ви треба да ја подготвите храната.
  • Подгответе го оброкот или ужинката со вашето дете. Потсетете го детето дека ја правите храната за да ја споделите со други. На пример, “На ручек ќе бидеме пет луѓе. Дали мислиш дека имаме доволно јагоди за секого?
  • Прашајте го вашето дете да изброи колку луѓе ќе дојдат на ручек, и помогнете му да ја подели храната во чинии. Ако служите на маса, потсетете го вашето дете на вашите семејни правила - на пример, прво послужете ја најстарата личност или тој што слави роденден и за вас сервирајте последно.
  • Охрабрете го детето да сврти околу масата и да ги послужи сите со мали колачи или грицки. 
  • Поттикнете го вашето дете да размислува за праведност. На пример, “Јане, има само едно парче торта, но сакаат да јадат и Ања и Тео. Што треба да направиме?”

Адаптирање на активност за споделување храна за деца од различни возрасти

На вашето помладо дете дајте му мали пластични садови, така што може да биде вклучен во подготовката и споделувањето на храната. Ако вашето дете сè уште учи да споделува, можеби ќе мисли дека храната е “негова” затоа што тој ја направил. Можете нежно да го потсетите дека ја направил храната за да ја сподели.

Вашето постаро дете може да се концентрира подолго и да има подобра координација на рацете и очите, па затоа веројатно може да управува со покомплицирани рецепти и може да ви помогне да подготвите цела вечера.