7-9 Месеци - нови откритија

Ако можев да ти кажам... “Знам кога нешто ми е познато, и сакам да бидам околу познати работи. Се чувствувам безбедно кога знам што се случило и што ќе се случи следно. Исто така сакам нови работи, па сакам да ги истражам и да научам сè за нив. Не знам зошто, но сега кога гледам нови лица или сретнам непозната личност, не секогаш се чувствувам среќен. Понекогаш сум дури и исплашен. Кога бев помал ми се допаѓаа нови луѓе. Сега, дури и ако се плашам, вашата блискост, прегратки и нежни зборови ми помагаат да исчезне мојот страв. Се случуваат други нови работи - го знам моето име, и ќе се свртам и ќе ве гледам кога ќе го кажете моето име. Знам други зборови и се обидувам да кажам некои од нив. Игри како „Ѕе“ ме возбудуваат затоа што ми помагаат да знам дека работите и луѓето може да исчезнат, но повторно се враќаат. И големи вести - почнувам да седам, да ползам и да се обидам да застанам. Сеа имам толку многу начини да истражувам и откривам!”

Комуницирање

Што е ново? 

Од 7-ми до 9-ти месец, вашето бебе ќе биде будно поголемиот дел од времето. Неговото брборење може да звучи како вистинско зборување, користејќи ги ритмите на говорот иако не можете да ги разберете зборовите.  Во овој период, некои бебиња веќе ќе го кажат својот прв збор, веројатно звучи како “ма-ма” или “да-да”, иако бебето сè уште нема да го знае неговото точно значење. На оваа возраст вашето бебе ќе покаже дека разбира некои други зборови — на пример, кога ќе кажете, “Каде е мама?” или “Каде е тато?” тоа може да погледне наоколу за да ја бара мајката или таткото. Може и да застане да прави нешто кога ќе го чуе зборот “не”.    

Што можете да направите за да помогнете?

Разговарајте со вашето бебе додека ги правите обичните дневни рутини. Тоа сака да ве слуша и да разговарате со него.  Лесно е: само кажете му што правите, што ќе направите, или именувајте ги предметите што ги користите или кои се околу него. Ова му помага на вашето бебе да ги поврзе работите со нивните имиња и значења. Кога вашето бебе брбори, одговорете му со пријатен глас.  На пример, ако тој вика “а-а-а” додека гледа овошје во кујната, може да ги копирате неговите звуци и исто така да кажете “Ги гледш јаболката? Види, ова е јаболко!” Покрај тоа што ќе разговарате со него, исто така пејте, свирете му, раскажувајте приказни и читајте м, секој ден. Ова му покажува колку го сакате и му помага да научи како да комуницира.              

Чувства

Што е ново?

На оваа возраст, дури и без зборови вашето бебе ќе може да ве извести, многу јасно, кога е среќно или вознемирено. Овие месеци се време кога вашето бебе развива силна врска или приврзаност кон вас, блиски членови на семејството или лица кои го чуваат. Но, во исто време, тоа развива страв од нови луѓе.  Ако некој пријател или сосед дојде да ве посети, вашето бебе може да се скрие или плаче — дури и ако одело среќно кај тој човек неколку месеци пред тоа.  Сега е сигурно за тоа кои се неговите омилени луѓе и ќе го бара нивното внимание и помош. Ќе ги искористи своите нови физички вештини за да се движи блиску до вас или друга посебна личност, да се насмевне и да очекува да му одговорите.  Ако ја напуштите собата дури и кратко, може да се вознемири.  Ако е вознемирено заради тоа или други работи, тој ќе бара утешна прегратка. 

Што можете да направите за да помогнете?

Запомнете, ова се нормални, типични однесувања на оваа возраст — и тие покажуваат дека детето знае кои се важните луѓе во неговиот свет и колку се грижи за вас. Иако понекогаш е тешко, бидете трпеливи и дајте му на вашето бебе чувство на сигурност кога ќе се сретне со нови луѓе. Обрнете внимание на тоа како вашето бебе реагира на нови ситуации и луѓе, бидејќи неговите реакции веројатно ќе се менуваат од недела до недела.  Ако нови луѓе станат дел од неговиот свет, обидете се да му помогнете постепено да се навикне на нив, за да се чувствува удобно. Наведете ги чувствата што ги забележувате кај вашето дете - “Да, гледам дека си исплашен. Во ред е, јас сум тука. ”. 

Ако треба редовно да поминувате време подалеку од вашето бебе, на пример, ако оди во градинка, обезбедете вашето бебе да има некои од неговите омилени предмети со него и е запознаено со негувателот.  Доколку е можно, изберете градинка во која тој ќе биде со истиот негувател секој ден. 

Мислење

Што е ново? 

Бидејќи вашето бебе почнува да ползи и можеби дури и да застане со помош, му се отвара сосема нов дел од светот. Кога ќе дофати интересни предмети, тој сега е во состојба да ги собере со прецизен зафат и да ги испита многу внимателно.  Ако скриете објект со крпа, тој го бара каде што го видел последно. Може да бара играчка што ја покривате со парче ткаенина.  Ако фрли нешто, го гледа и го бара местото каде што паднал предметот.  

Што можете да направите за да помогнете?

Играње игри како ѕиркање „Ѕе“ или “криење и наоѓање” игра - можете да ставите мала играчка под ќебе и да го охрабрите вашето бебе да се пикне под ќебето за да ја открие играчката. Тој ќе сака да ги повторува овие видови на игри, кои градат вештини за размислување, како и емоционална безбедност. Тој, исто така, ќе сака да сстава мали предмети во сад, да ги извади повторно, и да го прави тоа одново и одново. (Набљудувајте го внимателно, бидејќи бебињата на оваа возраст исто така истражуваат со ставање предмети во устата.)  Нека си игра со мали предмети, да ги турка наоколу, или да тркала топки напред и назад.  Додека игра, тој почнува да сфаќа дека неговите постапки можат да направат да се случат одредени работи (причина/ефект) — важно откритие. 

Движење

Што е ново?

Овие месеци носат некои возбудливи случувања. Во овој период, вашето бебе развива многу нови моторни вештини кои му овозможуваат да го открие шармот на светот околу него. Секое дете се развива според индивидуален распоред, но најверојатно тоа сега почнува не само да седи самостојно, туку и да се движи, најчесто со лазење или тркалање. Се повеќе и повеќе успева да држи мали предмети со прстите. Вешто ги испитува предметите со рацете, често префрла предмети од една во друга рака - иако сè уште многу често ќе ги истражува предметите со ставање во устата. Во овие области и во други, независноста на вашето бебе расте. Ова е период во кој му воведувате на вашето бебе цврста храна во исхраната.  

Што можете да направите за да помогнете?

Ставете го вашето бебе до интересни предмети кои тој може да ги собере безбедно. Дозволете му на вашето дете слободно да се движи низ собата сè додека околината е безбедна и вие сте во близина за да го надгледувате и да помогнете доколку е потребно. Бидете сигурни дека ниту еден од предметите што може да ги дофати вашето бебе е премногу мал, за да се спречи ризикот од гушење. Ваша задача е да му дадете на бебето средина која е доволно стимулирачка за да може да истражува, но исто така и доволно безбедна за да не се повреди. Кога ќе открие нешто, пофалете го неговото откритие со голема насмевка или коментар (“Погледни што најде — чаша!  Може да ја видам?”). На овој начин, бебето ќе научи да ја развие својата љубопитност и да се чувствува безбедно и заштитено во исто време. 

Ако почнува да јаде цврста храна, дозволете му да истражува различни вкусови и да истражува нова храна на различни начини. Повеќето деца на оваа возраст ќе се обидат сами да јадат (со фаќање парчиња храна со рацете). 

За да прочитате повеќе начини за тоа како да го поддржите развојот на децата преку игра, одете во делот Играње Заедно .

Загриженоста на родителите за развојот во периодот од 7 до 9-ти месец 

Бидејќи секое дете се развива на свој посебен начин, невозможно е да се предвиди точно кога или како вашето дете ќе усоврши одредена вештина. Способностите (развојни пресвртници) кои се очекуваат и наведени за овој период ви даваат само општа идеја за промените што може да ги очекувате додека вашето дете старее.  Ве молиме немојте да бидете загрижени ако неговиот развој зазема малку поинаков пат.

Сепак, за да бидете сигурни, разговарајте со вашиот педијатар ако вашето дете прикажува некој од следниве знаци на можно одложување во развојот, ако вашето дете се чини дека изгубило некои од вештините што ги имало на помала возраст или ако имате други причини да бидете загрижени:

  • Ако вашето бебе не воспоставува контакт со очите со вас или не следи подвижни предмети со очите  
  • Не гуга (“ма-ма”, “да-да”, итн.)  
  • Не ја врти главата кон извор на звук  
  • Не гледа во правец каде посочувате
  • Не покажува наклонетост кон неговите старатели — не им се насмевнува  
  • Не реагира на сопственото име
  • Се чини дека не ги препознава познатите луѓе
  • Не се тркала и превртува  
  • Кога ќе го кренете, е млитаво или премногу вкочането  
  • Не може да седи дури и со ваша помош и поддршка  
  • Има потешкотии во јадењето на цврста храна.  
References and comments

Референца:

https://raisingchildren.net.au/babies/development/development-tracker-3-12-months/7-8-months

https://raisingchildren.net.au/babies/development/development-tracker-3-12-months/8-9-months

https://raisingchildren.net.au/babies/development/development-tracker-3-12-months/9-10-months

Лаура Берк (2006), развој на деца (7ht издание), Алин и Бекон

Д-р Сци Нирвана Пиштолјевиќ (2016), Рани развој детекта: Шта Треба знати, Удружување педијатара Србије, Београд.